Sponzori

Банер

Online

Има 22 гости присутни


ГОДИШНА КОНФЕРЕНЦИЈА 20-21.07.2010 PDF Печати Е-пошта
Напишано од Administrator   
Вторник, 27 Јули 2010 17:30

ЗАКЛУЧОЦИ ОД ПРВАТА ГОДИШНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ИСЕЛЕНИЧКИ ОРГАНИЗАЦИИ

Агенцијата за иселеништво на 20 и 21 јули ја организира Првата годишна конференција на иселеничките организации на која зедоа учество преку педесетина претставници од над 40-тина иселенички организации од Австралија, Канада, САД и од 12 држави од Европа.

На дводневната конференција се дискутираше на повеќе круцијални теми и иселеничките организации ги донесоа следните заклучоци:

 

ТЕМА: УЧЕЊЕТО И НЕГУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК-   ЗАЧУВУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ

 

     ЗАКЛУЧОЦИ:

 

-  Учење и негување на македонскиот јазик е основа за зачувување на македонскиот идентитет.

-  Иселеничките организации треба да превземат активности за поттикнување на изучување на македонскиот јазик, посебно од страна на најмладите .

-  Иселеничките организации активно да влијаат на своите членови за говорење на македонскиот јазик во нивните семејства.

 

 

2. ТЕМА: НЕГУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА И ТРАДИЦИЈА – ЗАЧУВУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ

 

              ЗАКЛУЧОЦИ

 

-  Негување на македонската култура и традиција е основа за зачувување на македонскиот идентитет.

 

-  Иселеничките организации ќе превземат активности за поттикнување на негувањето на македонската култура, традиции, обичаи и фолклор од страна на своите членови.

 

 

3. ТЕМА:  МОЖНОСТИ И ПОСТАПКА ЗА СТЕКНУВАЊЕ СО  ДРЖАВЈАНСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

      ЗАКЛУЧОЦИ:

 

-  Иселеничките организации во соработка со Агенцијата за иселеништво да превземат активности за афирмирање на државјанството на Република Македонија и потикнување на иселениците од Македонија кои немаат државјанство на Република Македонија да поднесуваат барања за стекнување со македонско државјанство.

- Агенцијата за иселеништво во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи, како надлежни органи секој во својот дел да превземат активности за скратување и олеснување на постапката за стекнување со државјанство на Република Македонија, за иселениците по потекло од Македонија.

 

 

 

4. ТЕМА : ОСТВАРУВАЊЕ НА ИЗБИРАЧКО ПРАВО (право на глас)

 

             ЗАКЛУЧОЦИ:

 

-  Се поздравува законското решение и можноста иселениците од Македонија да го остварат своето активно и пасивно избирачко право во местото на привремено живеење, односно во Дипломатско конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.

 

-  Иселеничките организации да превземат активности за анимирање на иселениците од Македонија  во средините во кои живеат за помасовно учество во изборниот процес за следните избори за претседател на Републиката и за избор на пратеници на Собранието на Република Македонија.

 

- Се истакнува потреба од измени на законската регулатива за избирачкото право, со проширување на избирачките места во државите со голема територија и поголема одалеченост од гласачкото место, како и концентрација на поголем број на иселеници, а воедно да се разгледа  можноста за електронско гласање и гласање по пошта.

 

- Да се иницира промена на законската регулатива во дефинирањето на поимот државјани на Република Македонија на привремена работа или престој во странство, да се избришат зборовите „кои имаат пријавено последно живеалиште во Република Македонија„.

 

 

5. ТЕМА:  ДОГОВОР ЗА АКТИВНОСТИ ЗА УТВРДУВАЊЕ НА БРОЈОТ НА МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИЦИ

 

     ЗАКЛУЧОЦИ:

 

-  Иселеничките организации да преземат активности, при изјаснувањето на иселениците од Македонија на пописите во земјите каде живеат, како земја на потекло да ја наведат Македонија, јазик што се говори дома да наведат македонски, етничка припадност македонска (за етничките Македонци)

-  Република Македонија да преземе дипломатски активности кон државите на ЕУ каде се вршат административни пописи, да биде укината ознаката „потекло од СФРЈ“.

 

 

6. ТЕМА: УНАПРЕДУВАЊЕ НА ВРСКИТЕ СО ИСЕЛЕНИЧКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

 

     ЗАКЛУЧОЦИ:

 

-   Иселеничките организации да ја известат Агенцијата за иселеништво за секоја промена на контакт податоците, вклучувајќи ги промените и во раководството на организацијата

 

-   Иселеничките организации да ја информираат Агенцијата за иселеништво за нивните активности, со цел со истите да бидат запознати иселениците во сите земји и граѓаните на Република Македонија.

 -----

На првата Годишна Конференција на иселеничките организации одржана на 20 и 21 јули 2010 година во Скопје, иселеничките организации донесоа одлука да се формира привремен Иселенички совет. Мандатот на Советот ќе трае една година се до конституирањето на Иселеничкиот совет.

 

Претставниците на иселеничките организации едногласно го избраа привремениот Иселенички совет во следниот состав:

  1. г-дин Митко Јованов – училиште по македонски јазик “Учи македонски on line“ од Германија, е избран за член од областа училишта, литературни друштва, библиотеки и наставници
  2. г-ѓа Сузана Сурловска – училиште по македонски јазик “Блаже Конески“ од Франција, е избрана за член од областа училишта, литературни друштва, библиотеки и наставници
  3. г-дин Владимир Стрезов – МПЦО “Христово воскресение“ од Сиднеј Австралија, е избран за член од областа бизнис
  4. г-дин Стив Костов – Македонска заедница од Јужна Австралија од Аделаид Австралија, е избран за член од областа бизнис
  5. г-дин Перо Дамчевски Коцин – Литературно друштво “Глигор Прличев“ од Сиднеј Австралија, е избран за член од областа култура
  6. г-дин Мендо Трајчевски – Добротворно друштво од Нов Јужен Велс, Волонгонг Австралија, е избран за член од областа култура
  7. г-ѓа Маја Доневска – Литературно друштво “Браќа Миладиновци“ од Торното Канада, е избрана за член од областа медиуми
  8. г-дин Ивица Челиковиќ – Македонски сојуз од Шведска, е избран за член од областа медиуми
  9. г-ѓа Диана Стерјовска – Македонско добротворно друштво од Мелбурн Австралија, е избрана за член од областа останати иселенички организации
  10. г-дин Стојан Пандиловски – Национален совет на македонско национално малцинство од Република Србија, е избран за член од областа останати иселенички организации
  11. г-дин Славко Манговски – Комитет за човекови права од Торонто Канада, е избран за член од областа останати иселенички организации
  12. г-дин Гоце Ангеловски – Македонска христијанска религиозна општина “Св. Никола“ од Австрија, е избран за член од областа останати иселенички организации  

 

За претседател на привремениот Иселенички совет е избран г-дин Митко Јованов.

 

 

Последно освежено на Вторник, 27 Јули 2010 17:42
 
Deutsch (DE-CH-AT)Македонски (Macedonian)